Технички преглед
Техничкиот преглед е постапка со која што правното лице за технички преглед ги утврдува податоците во врска со возилото, неговите системи, составни делови,самостојни технички единици и опрема, како и исполнувањето на други барања за нив определени со Законот за возила, прописите донесени врз основа на тој Закон како и упатствата на производителот на уредите и опремата што се употребуваат при техничките прегледи.
Технички преглед на возилото претставува задолжителна проверка на техничката исправност на возилото со цел за безбедно вклучување на истото во јавниот сообраќај. Можат да се регистрираат само оние моторни возила, возила на моторен погон и приклучни возила за кои на задолжителниот технички преглед ќе се утврди дека се исправни.
Видови технички прегледи
Во Законот за возила се предвидени редовен и вонреден технички преглед на возилата.
- Возила кои подлежат на редовен технички преглед
Возила што се вклучени во сообраќајот на патиштата, со исклучок на мотокултиватори и работни машини, задолжително се прегледуваат на првиот и на периодичните технички прегледи.
- Возила кои подлежат на редовен (периодичен) технички преглед на 6 месеци
– возила за јавен превоз на патници
– автобуси
– возила што се употребуваат за оспособување на кандидат за возачи
– возила што се употребуваат за превоз на група на деца
– возила што се опремени како возила со право на предимство на минување,односно возила за придружба,освен возила кои се користат од противпожарните службиза гасење на пожар, што по облик и наменасе возила за гасење на пожар
– возила за изнајмување (рент-а-кар)
– возила за превоз на опасни материи
- Возила кои подлежат на вонреден технички преглед
Вонредните технички прегледи се вршат на возила упатени со писмен налог од овластено службено лице, во случаи и на начин утврдени со Закон, заради изведување на нивна проверка. Извршениот вонреден технички преглед не влијае на рокот за извршување на периодичните технички прегледи.
Постапката на вршење на технички преглед
Техничкиот преглед на возилото го вршат двајца контролори од Станицата за тех-нички преглед едновремено, од кои едниот е во возилото и го управува, а другиот ја спровeдува постапката на техничко испитување на возилото.
Сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото доколку сака може, а не мора, да го следи техничкиот преглед што се врши на возилото. Техничкиот преглед се врши само на чисто и обоено возило и на возило на кое нема видни оштетувања на каросеријата.
Вообичаено техничкиот преглед се врши на празно возило оптоварено само со контролорот што го управува, односно возачот и контролорот и задолжителната опрема. Техничкиот преглед може да се врши и на натоварено возило (вонреден технички преглед) на исклучено возило од сообраќај поради техничка неисправност.
Постапката за вршење на технички преглед се одвива во следниве фази утврдени со Правилникот за вршење на технички преглед на моторни и приклучни возила, трактори и земјоделски трактори:
– Идентификација на возилото;
– Проверка на масените вредности и димензиите на возилото;
– Уред за одвод и испуштање на согорените гасови;
– Преглед на уредот за сопирање;
– Преглед на уредите што овозможуваат нормална видливост;
– Преглед на влечниот уред за спојување на влечно и приклучно возило;
– Преглед на возната постројка и каросеријата односно самоносечката конструкција
– Преглед на оските, тркалата и пневматиците;
– Преглед на уредот за управување;
– Преглед на моторот и погонските уреди;
– Преглед на светлосните и светлосно – сигналните уреди;
– Преглед на контролните и сигналните уреди;
– Преглед на уредот за давање на звучни сигнали;
– Останати уреди и опрема
Резервирај термин
Искористете ја можноста и избегнете чекање. Закажете термин онлајн