Возачите се во недоумица дали е потребно пред купувањето да се проверува датумот на производство, таканаречената ДОТ ознака.

Но, ова не е прашање кое ги мачи само македонските возачи, туку е глобална дилема за која производителите на пневматици години наназад се обидуваат да дадат конкретен одговор и да им обезбедат на купувачите безгрижност при изборот на гуми.

За таа цел, направени се тестирања во реномирани тест центри и ставовите на производителите и организациите се поткрепени со научно докажани факти.

Францускиот производител Michelin креираше медиумска кампања под слоганот “Tires are not bananas” (“Гумите не се банани”) за да ги едуцира своите потрошувачи дека животниот век на гумите не започнува од денот на нивното производство, туку од моментот на нивно монтирање на автомобилот. Ова е пред се затоа што гумите претрпуваат најголем стрес додека се користат, а не додека стојат складирани во магацин.

Michelin вели дека заблудата за годината на производство на гумите може да биде и опасна бидејќи потрошувачите имаат тенденција да се фокусираат на тоа наместо да ги одржуваат гумите правилно по инсталацијата. Тие исто така може да изберат погрешни продажни салони засновани на нови примамливи акции наместо квалитетна услуга во сертифицирани сервиси. Значи, наместо да се фокусираат на годината на производство, Michelin вели дека возачите треба да обрнат внимание на правилна монтажа, одржување на правилен притисок во гумите, правилно порамнување, проверка на оштетувања и мерења на длабочината на шарите.

Слични насоки дава и корпорацијата Goodyear, која акцентот го става на начинот на складирање на гуми, наместо на рокот и годината на производство. Односно, според насоките на Goodyear новите, неупотребувани гуми, исто како и веќе користените гуми, треба да се складираат соодветно во магацини специфично направени за складирање на пневматици во кои гумите ќе бидат заштитени од секакви надворешни влијанија. Во вакви услови, квалитетот на пневматиците се одржува на високо ниво, независно од годината на нивното производство.

АвтовозачФер располага со специјализирани магацини за чување на нови неупотребувани гуми, како и на вонсезонски гуми оставени на чување во хотелот за гуми. Магацините се опремени по најсовремени стандарди според препораките на производителите со што се зачувуваат фабрички карактеристики на пневматиците.

Сојузот на Германската индустрија за гуми и Здружението на вулканизери на Германија тврдат дека пневматиците кои се продаваат во малопродажба се сметаат за нови доколку се стари до пет години. Сепак, овие организации не велат дека по истекот на споменатиот период пневматиците не смеат повеќе да се продаваат затоа што гумата е материјал кој што не губи од своите карактеристики така лесно.

Според Европското здружение на произведувачи на гуми и фелни (European Tyre and Rim Technical Organization – ETRTO), конечниот рок во кој гумите мора да бидат продадени не е точно дефиниран, но укажувањето е дека гумите кои се правилно чувани во фабрички или малопродажни магацини ги зачувуваат своите карактеристики долго после датумот на производство.

За пневматиците кои се во употреба односно монтирани на возило, без разлика дали се користат сезонски или постојано, производителите препорачуваат гумите постари од 10 години да бидат проверени од специјалист – вулканизер. Гумите трпат многу различни стресови за време на нивниот животен век на возилото. Понекогаш возилото може да не е исправно, или гумата да биде надуена или да има други оштетувања видливи, или невидливи со око. Патни пречки, удари на дупки, поплави, екстремни горештини во текот на летото, сето тоа го остава својот данок врз гумите.